Кепа конечно објасни зошто одби да излезе од игра и го понижи тренерот Сари

Кепа Аризабалага е сопственик на најскапиот трансфер за голман во историјата на фудбалот откако за 80 милиони евра од Атлетик Билбао се пресели во Челзи. Шпанскиот голман ја доби довербата да биде прв чувар на мрежата на Челзи, но не ги оправда очекувањата.

Пресвртот во кариерата на Кепа се случи во финалето на Лига купот, кога Челзи играше против Манчестер сити. По 90 минути беше нерешено, а како што се наближуваше крајот и на дополнителните 30 минути, тренерот на лондончани, Мауруцио Сари, сакаше во игра да го внесе Вили Кабалјеро, кој е познат како добар голман за пенали.

Е тогаш се случи хаос.Четвртиот судија покажа дека Кепа треба да излезе од игра, а Кабалјеро да влезе да брани, но шпанскиот голман ја одби оваа наредба од клупата на Челзи. Сите збунето го гледаа Кепа како не сака да излезе од игра, па Шпанецот остана да ги брани пеналите.

Челзи го загуби финалето, а Кепа стана трагичар. Го загуби статусот прв голман во Челзи, а потоа иако Сари си замина од клупата, не се врати меѓу стативите. Две години по тоа финале, Кепа реши да објасни дека Сари мислел дека е повреден и затоа сакал да го извади од игра.

„Дадов сигнал дека сум добро и дека не сум повреден. На ‘Вембли’ имаше 80.000 гледачи и Сари не можеше да ме слушне. Кога четвртиот судија го подигна семафорот за измена, јасно е дека требаше да излезам од игра и жал ми е што не го направив тоа. Згрешив и навистина жалам поради тоа. Жал ми е заради тренерот Сари, заради Кабалјеро, кој е одличен соиграч и голем професионалец, паради сите соиграчи и навивачите на Челзи“, вели Кепа, кој додаде дека потоа сите соиграчи го смениле односнот кон него.

„Следните три-четири дена сите зборуваа само за тоа. Сите велеа дека не сум покажал почитување кон тренерот Сари. Се чувстував како никој да не ме разбира. Не ми беше намерата никого да понижам“, додава Кепа, кој минатата сезона бранеше само на седум меча во Премиер лигата и кариерата едноставно му тргна во надолна линија.

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести