Ќерката на Денис Родман доби повик во националниот тим од македонскиот стратег

Селекторот на женската фудбалска репрезентација на САД, Македонецот Влатко Андоновски, го соопшти списокот од 25 фудбалерки за првиот тренинг-камп. За првпат меѓу повиканите е и Тринити Родман.

Тинејџерката Тринити е ќерка на легендарниот НБА-кошаркар Денис Родман и е напаѓачка на актуелниот првак во НВСЛ првенството, екипата на Вашингтон спирит. Тринити, која има само 19 години, беше прогласена за дебитант на сезоната, а сега добива шанса да се докаже и во националниот тим.

„Минатата сезона таа беше една од најдобрите фудбалерки во лигата и докажа дека може да биде конкурентна и на професионално ниво во НВСЛ. Затоа и заслужи да биде дел од репрезентацијата“, објасни Андоновски.

Таткото на Тринити, Денис Родман, е петкратен шампион во НБА-лигата. Во 1989 и 1990 година беше најдобар со Детроит, а од 1996 до 1998 година трипати се радуваше во дресот на Чикаго булс, со Мајкл Џордан како лидер во тимот.

Денис Родман од 1992 до 1998 година беше најдобар скокач во лигата, што уште е рекорд во НБА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести