Ракометнот тим на Алкалоид има одлична сезона. Тимот веќе се радуваше на трофејот во Суперкупот, а, секако, е во трка и за останатите трофеи, во Купот и во првенството на Македонија.
Освен на домашна сцена, Алкалоид сезонава блеска и на меѓународен план и сосема заслужено се пласира во полуфиналето на ЕХФ Европскиот куп. Тимот од Автокоманда е речиси перфектен и има седум победи и само едно реми во досегашните осум меча кои ги одигра на меѓународна сцена.
Следниот ривал на Алкалоид е норвешкиот Рунар. Првиот меч е закажан за 19 април во Скопје, а реваншот е седум дена подоцна на гостински терен.
За Алкалоид дополнително е отежната работата кон титулата, затоа што до крајот на сезоната ќе биде без нивниот најдобар играч сезонава, Марко Митев, кој ги скина лигаментите на коленото.
Во Алкалоид владее тимската атмосфера, но сепак е потребно да се има еден лидер на теренот, па неочекувано тренерот Кирил Лазаров реши да се реактивира и да помогне на својот тим да го постигне европскиот сон, односно да ја освои титулата во ЕХФ Европскиот куп.
За Лазаров ова нема да биде првпат да биде и тренер и играч истовремено. Во 2021 година беше назначен за селектор на Македонија, а уште беше активен играч и дел од националниот тим. Лазаров кариерата ја заврши во 2022 година, што значи дека има искуство како е да се биде и тренер и и играч.
Со искуството кое го има во преку дведецениската играчка кариера, секако, би било драгоцено Лазаров повторно да го видиме на теренот, но сепак тоа е невозможно. Фактот дека денеска е 1 април, Денот на шегата, беше само една инспирација да ја продолжиме традицијата која веќе неколку години ја имаме на нашиот сајт, а тоа е да пласираме по еден шеговит текст.
Лазаров покажа дека е одличен тренер, во двата меча против романскиот Баја Маре потврди дека може да направи тактика и игра за Алкалоид да игра одлично на теренот и во отсуство на Митев.
Оваа година априли-ли-ли решивме да го посветиме на легендарниот Лазаров. Веруваме дека тој ќе успее да го одведе Алкалоид до европска титула во ЕХФ Европскиот куп. Вардар со двата шампионски пехари од 2017 и 2019 година е единствен македонски ракометен тим во машка конкуренција што има освоено европски пехар. Во женска конкуренција Кометал Ѓорче Петров беше европски првак во 2002, а Вардар беше европски вицепрвак во 2017 и 2018 година.
Колку за потсетување, минатата година се „поздравивме“ со селекторот на фудбалската репрезентација Благоја Милевски, кој реши „да си поднесе оставка“.
Во 2023 година, 1 април беше резервиран за Новак Ѓоковиќ, кој „првпат пристигна во Македонија“. За жал, и две години по тој првоаприлски текст Ѓоковиќ уште не ја посетил Македонија.
Во 2022 година ја „испративме Македонија на Светско првенство во Катар“. Тогаш Македонија само за еден меч не се најде навистина да биде дел од Мундијалот, но веруваме дека во 2026 година тоа ќе стане јаве.
Нека е за многу години Денот на шегата, 1 април.