Новак Ѓоковиќ ненајавено пристигна во Македонија и веднаш доби дрес на подарок!

Легендарниот Новак Ѓоковиќ без никаква претходна најава, денеска се појави во Скопје и реши викендот да го помине во Македонија. Врвните тенисери изминатиов период се во САД каде прво беа дел од Мастерсот на Индијан Велс, а сега и на турнирот во Мајами. Српскиот тенисер не доби дозвола за влез во САД, па реши периодов да остане на Балканот, а сега пристигна во Македонија, каде има голем број навивачи.

Веднаш по доаѓањето, на Ѓоковиќ му беше подарен македонски дрес, а тој се заблагодари на топлото добредојде. Популарниот Ноле долго време најавуваше дека сака да ја посети Македонија, а минатата година, по освојувањето на Вимблдон и јавно изјави дека во план му е да дојде во нашата земја.

Србинот доби македонска поддршка и на завршниот Мастерс во Торино, кога по освојување на овој турнир, гласно кажа „Фала Македонија!“.

Не треба да се заборави ниту фактот дека секогаш на Гренд слем турнирот во Мелбурн, тој постојано има македонски фанови од Австралија. Едноставно Ѓоковиќ секогаш има голема поддршка од македонските навивачи и тие сигурно ќе бидат добри домаќини на тенисерот кој е рекордер по бројот на поминати недели на АТП листата и корекордер по бројот на освоени Гренд слем титули (22).

За жал на сите фанови на Ѓоковиќ, српскиот тенисер сепак,викендов НЕ Е во Македонија, затоа што ова е само една мала ПРВОАПРИЛСКА ШЕГА. Македонскиот дрес со кој Ѓоковиќ е фотографиран, го има добиено уште минатата година. 

Да потсетиме, минатата година на 1 април малку се пошегувавме дека Македонија добила пласман на Мундијалот во Катар, по суспензија на Иран, а оваа година „редот“ дојде на Ѓоковиќ да допатува во земјата во која има голем број фанови. Се надеваме дека во блиска иднина, оваа првоаприлска лага ќе стане и вистинска вест, а македонските фанови ќе може да го видат Ноле во живо.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести