Кјелини: Си одам од Јуве, Интер е посилен и од нас и од Милан!

Еден од најдобрите дефанзивци во последната деценија, Џорџо Кјелини, потврди дека по завршувањето на сезонава, ќе го напушти Јувентус. Кјелини му честиташе на Интер за победата во Купот на Италија и рече дека Нераѕурите сезонава покажале дека се поквалитетен тим од Старата дама.

„Разочарувачки е поразот, особено што Интер иако повеќе ја имаше топката, ние создадовме доволни шанси. Перин практично немаше одбрана, а примивме два прекрасни гола и два од пенали. Интер сезонава во меѓусебните дуели со нас покажа дека е посилен. Се надевам дека трите порази од Интер сезонава ќе бидат искористени како мотивација во следната сезона. Жал ми е што по десетина сезони, оваа не освоивме никаков трофеј“, изјави Кјелини.

Јуве претходно без трофеј остана во 2010/2011 со Џиџи Дел Нери на клупата. Кјелини смета дека Интер не е појак само од Јуве, туку и од Милан, кој е поблиску до титула во Серија А.

„Со целиот респект кон Милан, но тие немаат толку добар тим како Интер, иако се пред Интер на табелата. Но, за титулата не одлучува само квалитетот. Ова укажува дека на Интер му фалело нешто друго, веројатно посветеност и глад за победи, нешто што го имавме ние во Јувентус изминатите години“, анализира Кјелини, кој потврди дека летово ќе си оди од Јувентус.

„Имав 10 прекрасни години тука, време е младите да продолжат. Направив што можев, се надевам дека оставив трага. В понеделник ќе се простам од мојот стадион во Торино. Ова е 100 проценти мој избор, во иднина ќе бидам најголем фан на Јуве од страна“, рече Кјелини.

- Оглас -

Најнови вести