Ултрасите на Лацио најавија бојкот на натпреварите додека Лотито не си замине од клубот

Одлуката на една од најжестоките навивачки групи во Европа предизвика вистинска бура во фудбалските кругови откако беше потврдено дека планира целосен бојкот на домашните натпревари во следната сезона.

Најверните навивачи на Лацио официјално најавија бојкот на сите домашни натпревари во сезоната 2026/27.

Покрај тоа што нема да присуствуваат на натпреварите на домашен терен, ултрасите соопштија дека нема да купуваат ниту сезонски билети за претстојната натпреварувачка година.

Ваквата одлука претставува еден од најрадикалните навивачки потези во последните неколку години во италијанскиот фудбал.

Зад целата акција стои долгогодишното незадоволство од начинот на којшто се води клубот, а главна цел на критиките е претседателот на Лацио, Клаудио Лотито.

Односот помеѓу навивачите и првиот човек на клубот веќе подолго време не е на завидно ниво, а тензиите од година во година стануваат сè поголеми.

Многумина сметаат дека Лацио не го користи својот целосен потенцијал, и покрај тоа што се работи за клуб со богата традиција и значајна историја на европската сцена.

Навивачите веруваат дека клубот во последните години стагнира и дека амбициите се многу помали од она што би требало да бидат.

Поради тоа, тие одлучија да испратат јасна порака до управата убедени дека бојкотот е единствениот начин да се покаже колку е големо незадоволството.

Сепак, постои еден исклучок од најавените мерки. Ултрасите порачаа дека ќе присуствуваат на двата градски дерби-натпревари против Рома, дуели кои имаат посебно значење за навивачите на двата клуба.

Римското дерби отсекогаш било многу повеќе од обичен фудбалски натпревар, па навивачите на Лацио одлучија токму тие средби да не ги пропуштат.

Останатите домашни натпревари, според актуелниот план, треба да се играат без присуство на најгласниот дел од публиката.

Таквито сценарио може да остави сериозни последици врз атмосферата на стадионот, но и врз финансискиот аспект поради намалената продажба на билети.

- Оглас -

Најнови вести