Клоп до фудбалерот: Имаш „ролекс“, но колку меча имаш одиграно за Ливерпул?

Хрватскиот интернационалец Дејан Ловрен цели шест години го носеше дресот на Ливерпул, а пред стартот на оваа сезона направи трансфер во Зенит. Во интервју за клупскиот сајт, Ловрен вели дека младите фудбалери сега не ги ценат парите, но и тоа што треба да им биде во фокусот на нивното внимание.

„Младите фудбалери треба да сфатат дека треба да прифатат совети од постарите. Во модерниот фудбал нема да видите млади играчи како си ги чистат копачките или како одат по вода затоа што сега има други луѓе кои се задолжени за тие работи. Тоа го сметам за нешто што е лошо. Младите треба да научат како се работи во фудбалот“, коментира 31-годишниот Ловрен.

Искусниот дефанзивец открива една интересна случка од пред четири години додека играше во Ливерпул.

„Во 2017 година се подготвувавме за првиот тренинг во новата сезона. Тогаш се појави еден 18-годишен фудбалер чие име сега не сакам да го споменам. Тој на тренинг пристигна со луксузен ‘мерцедес’ и со часовник ‘ролекс’ на раката. Тогаш Клоп реши да му одржи лекција“, открива Ловрен, кој подоцна го прераскажа и разговорот:

„Со што дојде на тренинг?, праша Клоп.

„Со ‘мерцеес’“, одговори играчот.

„Што ти е тоа на раката?“, повторно праша Клоп.

„Часовник ‘ролекс’“, повторно одговори фудбалерот.

„Колку меча имаш одиграно за Ливерпул?“, беше третото прашање на Клоп.

„Ниту еден“, одговори тинејџерот.

По оваа лекција од Клоп, фудбалерот следниот ден на тренинг пристигнал без луксузниот автомобил и без часовникот. Ловрен вели дека тоа е вистинскиот начин да се воспитуваат младите фудбалери.

 

- Оглас -

Најнови вести