Клоп доаѓа во Скопје, но не како менаџер на Ливерпул?

Јирген Клоп е главен кандидат за преземање на германскиот национален состав по завршувањето на Европското првенство. Менаџерот на Ливерпул треба да биде наследник на Јоаким Лев, кој доколку претрпи неуспех налето на континенталниот собир, дефинитивно ќе биде сменет.

Повеќе англиски и германски медиуми тврдат дека Клоп нема да може да ја одбие понудата и по повеќе од шест години ќе го напушти „Енфилд“ со цел да ја предводи репрезентацијата на својата родна земја.

Доколку тоа се случи, Клоп ќе се појави во Скопје како селектор на Панцерите, со оглед на тоа дека Македонија на 11 октомври ја пречекува Германија во третиот циклус од квалификациите за Светското првенство кое во 2022 година ќе се одржи во Катар.

Клоп така би бил еден од ретките стратези од светска класа кои зачекориле покрај аутлинијата на нашата Национална арена „Тодор Проески“. Во летото 2017 година во Скопје дојдоа Зинедин Зидан и Жозе Мурињо како тренери на Реал Мадрид и Манчестер јунајтед за Суперкупот на УЕФА. Фабио Капело во 2003 година како предводник на Рома дојде во нашата метропола за квалификацискиот дуел против Вардар во тогашниот Куп на УЕФА, сега Лига на Европа.

- Оглас -

Најнови вести