Клоп треба да се замисли: Ливерпул загуби 43 отсто од мечевите од средината на февруари!

Ливерпул ужива во шампионската титула во Англија, која ја чекаше точно 30 години. Гигантот од „Енфилд роуд“ имаше речиси перфектна сезона, откако сруши многу рекорди со добрите игри во првите две третини од Премиер лигата. Ливерпул делуваше како казнена експедиција од кого сите се плашеа.

Сепак, тоа се смени. Со појавата на корона-вирусот, дојде криза и во играта на Ливерпул. Првиот сигнал за тоа беше на 18 февруари, кога Ливерпул со 1:0 загуби на гости кај Атлетико Мадрид во првиот меч од осминафиналето од Лигата на шампионите. По тој неуспех кај Јорганџиите, Ливерпул неочекувано беше поразен и до Ватфорд во домашното првенство. Тоа впрочем беше и прв пораз на Ливерпул во сезоната во Премиер лигата.

Ливерпул едноставно почна многу често да губи. Беа елиминирани во ФА купот од Челзи со 2:0, а потоа следуваше нокаут од Атлетико Мадрид, кој со 3:1 славеше на „Енфилд роуд“ во реваншот од ЛШ фазата. До крајот на првенството, Ливерпул загуби уште двапати, и тоа од Манчестер сити со убедливи 4:0 и потоа од Арсенал со 2:1.

Дека нешто не е како што треба со формата на Ливерпул, се потврди и во првиот меч од новата сезона. Во дуелот за трофејот од Комјунити шилд, Ливерпул се спаси од пораз во регуларните 90 минути против Арсенал и одигра 1:1, но на крајот загуби на пенали.

Со поразот во Суперкупот на Англија, Ливерпул веќе стигна до седум неуспеси од средината на февруари досега, што е над 40 отсто порази во последниве шест месеци, во кои владее и пандемијата со корона-вирусот.

 

- Оглас -

Најнови вести