По победата на МЗТ над Хелиос во првото коло од АБА 2-лигата, тренерот Ѓорѓи Кочов и крилниот центар Иве Иванов ги кажаа своите ставови околу текот на средбата.
„Првата четвртина беше нервозна, доста грешевме. Во второто полувреме ја отпуштивме рачната сопирачка, игравме поедноставно во нападот и заслужено победивме“, рече Хрватот Иванов.
Кочов им се заблагодари на соработниците и на играчите.
„Им честитам на моите играчи за карактерот и пожртвуваноста. И моите помошници одработеа добар скаутинг, иако во првата четвртина тоа не функционираше, како и кондицискиот тренер кој ги подготви играчите. Хендикеп ни беше што Младеновски поради болест,не можеше да игра и примавме лесни поени во рекет. Ова ни беше прв тест со странски тим и битно ми е што играчите веруваат во тоа што го работиме на тренинзите. Да не беше грчот на стартот, мечот порано ќе беше одлучен. МЗТ е напаѓачка екипа, сите се добри шутери, но ќе инсистираме на агресивна игра и да ги тераме противниците да играат брзо. Се надевам дека на следните дуели ќе бидеме уште подобри“, анализираше тренерот Ѓорѓи Кочов.
Во Хелиос беа незадоволни од играта во второто полувреме, во кое примија 50 поени и се предадоа предвреме, а како најопасни играчи на МЗТ ги посочија Бојиќ и Вудард. За тренерот Беадер, МЗТ заедно со Борац и Приморска се фаворити за влез во АБА-лигата.