Кочов: Најважно е да бидеме здрави и комплетни

По победата од 84-70 над словенечкиот тим Рогашка, тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, истакна дека триумфот можел да биде и поубедлив, но задоволен е што е добиен првиот од трите најважни натпревари. Сега за МЗТ претстојат два тешки меча, гостување кај Сутјеска, која се бори за место во плејофот, и дома против Спарс, кој е најверојатниот ривал на „штрковите“ во полуфиналето на плејофот, но тоа може да биде директен дуел за второ место и предност на домашен терен во разигрувањето за влез во главната АБА-лига.

„По долгата пауза, би рекол очекувано влеговме лошо во натпреварот, некако бевме во грч и во нападот и во одбраната. Но, во втората четвртина влеговме во оној препознатлив стил на игра и работите тргнаа во наша корист. Им честитам на моите играчи за победата, можевме мечот да го добиеме поубедливо, но тоа и не е толку важно, за мене најважно е сите да бидеме здрави. Ова беше еден од оние три одлучувачки меча, секако ќе атакуваме на победа и на следните два“, рече тренерот Кочов.

Тренерот на Рогашка, Дамјан Новаковиќ, смета дека пресудна била тројката на Андрија Бојиќ за плус девет во финишот на првото полувреме и таа тројка делувала демотивирачки на неговиот тим, што се докажало во третата четвртина, во која биле како загубени и направиле само еден фаул.

- Оглас -

Најнови вести