Македонија вчера одигра нерешено против фаворизираната Португалија (29:29) и ги израдува сите македонски навивачи, посебно оние неколку стотици наши фанови кои беа во „Јуске Банк арена“ во данскиот град Хернинг.
Поголем дел од фановите тргнаа од Македонија за да стигнат до Хернинг, имаше и од повеќе други европски земји, но имаше и такви кој дојдоа дури и од Канада, за да ја бодрат Македонија. Таков е примерот со Васко и Марко Бошевски. Семејството Бошевски е од Битола, но од 2008 година живеат од Торонто. Марко е роден во Канада во 2012 година, но неговите родители му ја имаат всадено љуботва кон Македонија.
Тие немаа дилеми дали треба да патуваат дури во Данска за да може во живо да ја бодрат Македонија, а нашите репрезентативци им возвратија со борбена игра и нерешен резултат против Португалија.

Васко и Марко ќе бидат на трибините и на утрешниот клучен меч против Романија. Ќе навиваат заедно со братот на Васко, Митко кој живее во Битола, а во Данска е заедно со сопругата Ирина и синот Бојан. Сите веруваат дека може да стигнеме до победа, а секако, потоа да чекаме и Данска да забележи висока победа над Португалија.
Тинејџерот Марко посебно ужива во овие денови на Европско првенство, а омилено место му е фан-зоната каде има многу интересни активности за сите возрасти.


