За тренер на најтрофејниот клуб и два порази се доволни за отказ

Ајрик Хурнеланд ја заврши неуспешната мисија како тренер на Розенборг со отказ само по три кола на стартот од норвешкото првенство.

Поранешниот селектор на репрезентацијата на Норвешка за играчи до 19 години не успеа ниту еднаш да победи на почетокот на 75-тото издание на популарната „Елитесерија“ и по вчерашниот пораз од Бодо Глимт со 2:3 на домашен терен се раздели со рекордерот по бројот на титули.

„По ваков лош старт без победа со клуб што е најтрофеен во Норвешка, морам да преземам одговорност. Кога нема победи, се знае дека тренерот е одговорен. Не успеавме да создадеме тим за посериозни дострели, но се надевам дека на мојот наследник ќе му успее да го врати Розенборг на позиции што се соодветни за 26-кратен првак“, изјави Хурнеланд.

Розенборг има 26 шампионски круни и е единствениот тим што ја мина двоцифрената граница по бројот на домашни пехари како првак на Норвешка.

Хурнеланд пристигна во таборот на најпознатиот норвешки тим лани во јануари, но немаше впечатливи успеси. Тимот од Трондхајм ја загуби битката за титулата со Молде, а сега и лошо ја почна новата сезона, со два порази и реми.

 

 

- Оглас -

Најнови вести