Кога тој судеше Македонија ја победи Грузија и се пласираше на ЕП, сега ќе ја дели правдата и против Португалија

Англискиот судија Ентони Тејлор е назначен за главен делител на правдата на дуелот во Порто в вторник меѓу Португалија и Македонија. Тоа е меч кој треба да одлучи која од овие две селекции ќе оди на Светското првенство во Катар.

Македонија досега никогаш не била дел од планетарен собир, а сега игра на гости кај фаворизираната Португалија со надеж дека може да направи чудо. Нашите момци веќе направија едно чудо, откако во полуфиналето на баражот, во Палермо ја победија Италија со 1:0, па сега за ред е Португалија.

Судијата Тејлор е таличен за македонските фудбалери. Тој е арбитарот кој ја делеше правдата на баражот за пласман на Европското првенство, кога Македонија на гости во Тбилиси ја победи Грузија со 1:0. Со таа победа Македонија се најде на континенталниот собир, а сега Тејлор е на „центарот“ и за историскиот меч против Португалија.

Да се надеваме дека Тејлор ќе стане најомилениот и најсреќен судија на македонската репрезентација и дека нашите фудбалери ќе бидат дел од Мундијалот во Катар.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести