Кои се критериумите на ФИФА ако две или повеќе репрезентации имаат ист број бодови и по третото коло

Денеска започнува конечната разврска во групната фаза на Светското првенство со натпреварите од последното трето коло.

Пред стартот на последното коло, само две репрезентации немаат никакви шанси за пласман во осминафиналето, Катар и Канада, кои не успеаја да освојат бод во првите две кола, додека три селекции се веќе од нокаут-фазата, тоа се Франција, Бразил и Португалија, но сè уште го немаат обезбедено првото место во своите групи.

Поради тоа, дури 30 репрезентации се во игра за освојување на првите две места во своите групи и поради тоа возбудувањата се гарантирани во наредните четири дена.
Големата неизвесност пред последното коло е гаранција дека во некоја од групите би требало две репрезентации да ги завршат настапите со ист број поени. ФИФА е подготвена за такво сценарио и одреди седум критериуми кои се различни од тие на УЕФА.

УЕФА на натпреварите на Европските првенства и на клупските натпреварувања приоритет им дава на меѓусебните дуели, додека кај ФИФА клучна е гол-разликата.
Кога станува збор за критериумите за минување на групата, прв приоритет, нормално, е бројот на освоени бодови и пласман во нокаут-фазата ќе обезбедаат двете селекции со најголем број бодови.

Во случај две репрезентации да имаат ист број бодови на Мундијалот во Катар, вториот критериум што се гледа е гол-разликата.

Доколку гол-разликата е иста кај две селекции, следен критериум е бројот на постигнати голови.

Дури четвртиот критериум на ФИФА е меѓусебниот дуел, а петтиот е гол-разликата во меѓусебните дуели.

Шестиот критериум е бројот на дадени голови во меѓусебните дуели, а доколку и по овој критериум има репрезентации што се израмнети, тогаш последен критериум се ферплеј-поените.

Секој жолт или црвен картон носи негативни поени. Жолтиот картон вреди еден негативен поен, вториот жолт картон вреди три поени, директниот црвен картон вреди четири, а втор жолт и дирекет црвен картон вредат пет негативни поени.

Во тој случај, репрезентација што ќе има помалку негативни поени, ќе има подобра позиција на табелата.

- Оглас -

Најнови вести