Кој е фудбалерот што бил идол на Диего Марадона?

Името Рикардо Енрике Бочини сигурно за многумина е непознато, но за еден од најголемите фудбалери на сите времиња, Диего Армандо Марадона, тоа е фудбалерот кој бил пример за тоа како треба да се напредува на теренот. Бочини е играч кој целата кариера ја помина во еден тим. Цели 19 години го носеше дресот на Индепендиенте, од 1972 до 1991 година. Бочини успеа да освои 14 титули, вклучувајќи пет трофеи во Купот Либертадорес.

Аргентинецот кој играше на позицијата офанзивен играч за врска е еден од најатрактивните фудбалери во светскиот фудбал од пред 40-тина години. Во кариерата има одиграно над 650 меча во кои постигнал 97 погодоци. Неговиот прекар бил „Топката“, а посебно бил познат по прецизните долги додавања.

Бочини бил идол на Диего Армандо Марадона, иако е само седум години постар од него. Марадона во Бочини гледал пример за тоа како треба да работи за да стане подобар играч. Двајцата заедно беа дел од златната генерација на Аргентина која во 1986 година стана светски првак. На тој Мундијал во Мексико, Бочини одигра само пет минути затоа што незаменлив во стартниот тим на Гаучосите на позицијата на која тој играше, беше токму Марадона. Диего Армандо секогаш зборуваше во суперлативи за Бочини.

„Се воодушевувам гледајќи го како игра. Едноставно ме доведуваше до лудило“, знаеше Марадона да каже за својот идол Бочини.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести