Кој е најмладиот стрелец во историјата на Баерн? За него се борат Англија и Германија (Видео)

Европскиот првак Баерн Минхен е толку моќен што ги навикна љубителите на фудбалот дека е нешто нормално кога баварската машина ќе постигне осум голови на еден натпревар, а иако Шалке 04 не е толку силен како Барселона, сепак и синоќа Баерн демонстрираше надмоќ и покажа дека нема милост кон никого.

Оваа победа од 8-0 е најубедлива во историјата на првите кола во Бундеслигата, а во редовите на Баерн не знаете од кого да се чувате: дали од Левандовски кој даде гол и имаше атрактивна асистенција со пета, дали од новиот пеколен тандем Гнабри-Сане кои меѓусебно си асистираа и заедно дадоа четири гола, или од новата ѕвезда Џамал Мусиала.

Мусиала со 17 години и 205 дена, е најмлад стрелец во историјата на Баерн, и петти најмлад во историјата на Бундеслигата. Помлади стрелци од него биле само Вирц, Шахин, Дракслер и Вернер.

Веројатно во тимот на Севилја не им е мило што треба да играат против Баерн во европскиот Суперкуп.

Мусиала е роден во Штутгарт, но порасна во Англија, играше за Челзи, и има шест настапи за националниот тим на Англија за играчи до 17 години. Татко му е Нигериец, мајка му Германка, тој играше за Германија до 16 години пред да заигра за Гордиот Албион, па Германците сигурно нема да им го отстапат така лесно на Англичаните овој нов бисер на европскиот фудбал.

- Оглас -

Најнови вести