Кој ќе игра во Суперлигата? Ова е списокот на клубови кои јавно одбија да учествуваат

Кој всушност ќе игра во фудбалската Суперлига? Ова е главното прашање кое лебди по вчерашната одлука на судот со која се дозволува формирање на натпреварувања што нема да бидат под капата на УЕФА и ФИФА.

Голем број клубови јавно одбија да учествуваат, некои сè уште се немаат огласено, а познато е дека зад оваа идеја останаа само Барселона и Реал Мадрид.

Четири од шестте големи англиски клубови ја одбија идејата, но тоа го немаат сторено Ливерпул и Арсенал. Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Тотенхем и Челзи објавија дека нема да учествуваат.

И екипата на Селтик ја одби идејата, но тоа го нема сторено вториот голем клуб од Шкотска, Глазгов ренџерс.

Во Шпанија е јасно дека само Барселона и Реал Мадрид ја поддржуваат оваа идеја, додека екипите на Севиља, Валенсија, Атлетико Мадрид, Сосиедад и Виљареал веднаш отфрлија можно учество во Суперлигата.

Во нивното соседство, во Португалија, идејата за Суперлига ја отфрли екипата на Порто, но тоа го немаат сторено Бенфика и Спортинг Лисабон.

Двата најголеми клуба во Германија, Баерн Минхен и Борусија Дортмунд, јавно објавија дека остануваат под капата на УЕФА, но останува прашањето дали ќе го следат нивниот пример и Баер Леверкузен и Лајпциг.

Од француските екипи се огласија ПСЖ и Монако со одбивање на идејата за Суперлигата, па останува отворено прашањето дали можеби некој друга екипа од Франција би играла во новото натпреварување.

Веројатно најзамрсено е во Италија. Рома, Интер и Аталанта ја отфрлија Суперлигата, но Јувентус, Милан, Наполи, Лацио… се немаат изјаснето. Вчера дури се појави информација дека Наполи е третата сигурна екипа која ќе учествува бидејќи идејата за вакво натпреварување е прифатлива за Аурелио де Лаурентис.

Од земјите на Бенелукс само Феенорд се огласи со одбивање, но тоа не го сторија ПСВ Ајдховен и Ајакс, но и екипите од Белгија, како Андерлехт, Бриж, Гент, Генк …

Рамо до рамо со великаните на европскиот фудбал застанаа и нашите Работнички и Струга, кои веднаш ја отфрлија идејата за формирање на Суперлигата.

Останува отворено прашањето и дали е можно во новата Суперлига да бидат вклучени и екипи од други континенти, како на пример: богатите екипи од Саудиска Арабија или можеби Интер Мајами од САД, но и великани од Јужна Америка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести