Конечно дебитираше првиот пик на драфтот, и тоа на спектакуларен начин (Видео)

Зајон Вилијамсон, првиот пик на НБА драфтот за 2019 година, конечно дебитираше во најсилната кошаркарска лига во светот. Зајон имаше проблеми со коленото, па поради тоа го пропушти првиот дел од сезоната, а утрово за првпат се најде во дресот на Њу Орлеанс.

Талентираниот 18-годишен играч покажа дека не случајно бил избран за прв пик на драфтот и одигра одлично во дербито против Сан Антонио. Зајон на паркетот помина 18 минути, а мечот го заврши со 22 поени, седум скока и три асистенции, но, за негова жал, Њу Орлеанс загуби со 121:117.

Играчите на Сан Антонио очигледно не веруваа дека Зајон е добар шутер, па во последната четвртина решија да го остават да шутира и згрешија. Вилијамсон покажа дека има и одличен шут и само за три минути успеа да даде 17 поени по ред за Њу Орлеанс.

И покрај поразот, Пеликаните добија една голема потврда дека одлично избрале на драфтот и во следните мечеви ќе имаат големо засилување во првиот пик на драфтот.

Вилијамсон постави и неколку рекорди во своето деби. Тој стана првиот играч кој дал 22 поени за помалку од 20 минути поминати на теренот откако во ерата на НБА се мери нападот, а тоа е од 1954 година. Го помина Ентони Дејвис, кој досега го држеше клупскиот рекорд за постигнати поени на играч-дебитант во дресот на Пеликаните, а исто така тој е првиот во историјата на НБА кој имал барем 4 од 4 погодени тројки во дебито во најсилната лига во светот.

Во останатите мечеви кои се играа во НБА-лигата: Детроит – Сакраменто 127:106, Орландо – Оклахома 114:120, Торонто – Филаделфија 107:95, Атланта – ЛА клиперс 102:95, Бостон – Мемфис 119:95, Мајами – Вашингтон 134:129 (по продолжение), Њујорк – Лос Анџелес лејкерс 92:100, Чикаго – Минесота 117:110, Хјустон – Денвер 121:105, Феникс – Индијана 87:112, Голден стејт – Јута 96:129.

- Оглас -

Најнови вести