Конечно отворено прашањето за спортските медиуми и нивната важност во промоција на македонскиот спорт!

Агенцијата за млади и спорт преку Европска недела на спортот во Македонија и проект BeActive, финансиран од Европската комисија, а имплементиран од АМС од 2018, изминативе два дена организираше конференција на тема „Промоција на македонскиот спорт во медиумите”!

На конференцијата на која партиципираа и дел од националните федерации, но и истакнати македонски спортски имиња, како Гордана Нацева, Стевче Алушовски, Никола Ѓошевски, Љуљзим Вранези…, како и деканката на Факултетот за физичка култура, спорт и здравје, Ленче Алексовска, едногласно беше нагласена важноста на медиумите како значајна алка од целокупниот ланец во изградбата на квалитетен спорт и спортист.

„Во овие два дена разговараме за начините како до поголема промоција на македонскиот спорт во медиумите преку решенија, ставови и идеи. Спортот обединува, а македонскиот спорт има што да понуди и затоа треба да најдеме вистински начин како тоа да го покажеме. Тука сме да одговориме на сите прашања и предизвици со цел македонскиот спорт да го подигнеме на едно повисоко ниво како што заслужува. Благодарност до сите спортски новинари, спортисти актуелни и поранешни, спортски работници, универзитетски професори од ФФОСЗ кои учествуваат во оваа конференција“, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски.
За првпат во Македонија е организирана конференција на која е потенцирано значењето на спортските медиуми за развојот и промоцијата на спортот. На неа присуствуваа претставници од традиционалните и онлајн-медиуми, кои како главен дел од спортот функционираат без никаква поддршка ниту од државата, ниту од приватниот бизнис-сектор или ниту пак од европскиот фонд.
Новинарите преку дискусии ги посочија проблемите со кои се соочуваат, особено оние кои функционираат без никаква поддршка, поточно се приватна сопственост, а истовремено се релевантен фактор во спортот во Македонија.
- Оглас -

Најнови вести