Премиерлигашот Астон вила по повеќе од 10 години дочека повторно да игра во фудбалска Европа. На добар пат е да го стори тоа и оваа сезона бидејќи во моментов е на четвртата позиција, последната која води во групната фаза од Лигата на шампионите.
Но, бајката ја расипува финансиската состојба во која се наоѓа клубот. Од раководството на Астон вила пријавија загуба од 119,6 милиони фунти за минатата сезона, што може да им направи проблеми кога се работи за финансискиот ферплеј, кој им дозволува на клубовите максимална загуба од 105 милиони фунти на тригодишно ниво.
Сепак, олеснителна околност е тоа што во загуба не се сметаат парите кои се вложени во женскиот фудбал, младинската академија и инфраструктурата, па во моментов раководството, но и навивачите на Астон вила може да здивнат.
Најголеми проблеми со финансискиот ферплеј имаше Евертон, кој првично беше казнет со одземање 10 поени, а потоа таа казна беше намалена само на шест поени.