Конечно збогум за Самсоненко – Вардар вратен на Град Скопје, Комити најавија марш за спас

Конечно збогум на Вардар му кажа Сергеј Самсоненко, човекот што успеа со најтрофејниот фудбалски клуб кај нас да забележи историски пласман во фаза по групи во европските купови, па „црвено-црните“ повторно се под владение на Град Скопје.

Самсоненко најави дека ќе ги подмири сите долгови што ги има, а Вардар е во трка да стигне до позитивна нула со финансиите за да се обиде да добие лиценца за евронастап.

Во 2017 година Вардарци беа првите од макфудбалот што конечно успеаја да се пробијат до фазата по групи во Лигата на Европа, но сега преживуваат голема криза.

Најверните навивачи на клубот најавија дека нема да се откажат од сите можни начини за спас на клубот, кој повторно како и пред десетина години е на работ на егзистенција, иако сега се лидери во Првата лига и практично се на прагот на нова титула.

Комитите се огласија со соопштение, кое ви го пренесуваме во целост:

„Тешки денови доаѓале и поминувале.
Најлошото го надминувавме, излегувавме како победници, но во суштина и не постои сценарио со кое ние би изгубиле. Дали може да да биде победено или уништено нешто што трае вечно? Низ призма на времето, Вардар ги надживеал сите кои му предвидувале или посакувале пропаст или успеси. Вардар бил тука и пред да бидеме родени, Вардар ќе остане и откако ќе заминеме од овој свет.
Љубовта кон клубот секогаш останува и се пренесува од татко на син, од колено на колено.
Низ историјара се менувале многу управители, акционерски друштва, фирми, бизнисмени, колективни членови, градски татковци, сè од почетокот…
Вардар е основан од Собранието на Град Скопје, повеќе од две третини од својот животен век, од 1947, па наваму, е под патронат на својот татко основач – Град Скопје и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор – ПУИГ.
Од денес официјално и Вардар се раздели со својот досегашен времен Управител и концесионер – Сергеј Самсоненко.
Му благодариме за сè што направи за Вардар, можеби нашите патишта повторно ќе се вкрстат во иднина!
Денеска и официјално формално правно Фудбалскиот клуб Вардар е вратен, пред истекот на концесијата, кој своите основачи и сопственици, Градот Скопје и ПУИГ.
Многу градски татковци досега биле горди што на своите плеќи ја носеле одговорноста да бидат предводници на Симболот на Градот, љубовта на Скопје и Македонија – ФК Вардар!
Успесите од своето владеење ги врзувале со успехот на настапите на своето чедо – ФК Вардар.
Вардар е над сите партии, Вардар е најголемата спортска институција и големина која го надминува надалеку спортот, допира до македонскиот идентитет.
Не знаеме дали кај градските власти и ПУИГ постои желба и волја да го преземат клубот трајно или времено до пронаоѓање на нов финансиер и времен сопственик и управител, но тоа е обврска и нужност, а се надеваме и љубов и страст, затоа што Вардар е Скопје, Вардар е и Македонија!
Во меѓувреме упатуваме апел до досегашните и староновите управители итно да изнајдат взаемно прифатливо решение за бенефит на сите страни, а пред сè, на навивачите на Вардар, граѓаните на Скопје и народот за Вардар да го фати последниот воз за Европа преку обезбедувањето лиценца!
Играчите и стручниот штаб, пред и над сè со својата несебична пожтвуваност и однос кон клубот, нè задолжуваат да реагираме час поскоро, да не чекаме затоа што секој час и минута значат!
Ја информираме цела Црвено-Црна Армија да се мобилизира, наскоро ќе организираме голем Марш за ВАРДАР низ улиците на Скопје!
За времето и агендата ќе бидеме благовремено информирани.
За Вардар нема компромис“, стои во соопштението на навивачката група на Вардар.

- Оглас -

Најнови вести