Сè поголем број спортисти се заразуваат со Коронавирусот. По откривањето дека двајца играчи на Јувентус и еден на Сампдорија се заразени, опасниот вирус како да се префрли во Англија. Најпрво беше обелоденето дека сите играчи од еден клуб од Премиер лигата се тестирани на Коронавирусот и дека има тројца сомнителни, а подоцна се дозна дека тренер на Арсенал, Микел Артета, е заразен.
По Артета, втор потврден случај на Коронавирусот во Премиер лигата е играчот на Челзи, Калум Хадсон-Одои. Од Челзи најавија дека останатите фудбалери на Челзи нема да одат во изолација туку дека ќе продолжат да работат со нормално темпо, додека Хадсон-Одои ќе биде надвор од тимот во одреден период.
„Сите оние кои имале близок контакт со Калум Хадсон-Одои ќе продолжат да работат нормално. Калум од понеделникот е надвор од екипата, затоа што откако се појавија симптомите на настинка, беше тестиран на Коронавирусот. Од денеска тој е ставен во изолација и се чувствува добро. Му посакуваме брзо закрепнување и едвај го чекаме неговото брзо враќање на теренот“, стои во соопштението од Челзи.