Македонската кошаркарска експедиција утре, рано наутро, се враќа назад во Скопје, согласно претходно утврдениот „ред на патување“, но со мала измена. И покрај сите обиди на раководството на нашата Федерација експедицијата да се врати назад во Скопје во комплетен состав, дури и со специјален чартер-лет од главниот град на Естонија, тоа во овој момент е неизводливо, односно невозможно, најмногу поради строгите законски и безбедносни прописи кои важат на територијата на оваа држава на Балтикот.
По состанокот кој нашето раководство го имаше со официјалните лица на ФИБА, со директорот на „балонот“ одреден од страна на Естонската федерација, како и одговорното лице за безбедност на турнирот, добиени се нови насоки поврзани со заминувањето, односно транспортот на нашиот национален тим од Талин за Скопје.
Согласно утврдената фактичка состојба, за Скопје нема да тргнат сите планирани членови на делегацијата. Во Талин остануваат четворица наши кошаркари кај кои пред два дена било утврдено присуство на вирусот ковид-19.
Според протоколот на ФИБА за спроведување на случаите поврзани со присуство на ковид 19 во некој национален тим, а кои се на сила во овој момент, членовите на нашата репрезентација кај кои беше утврден позитивен тест на ковид-19, нема да можат да ја напуштат Естонија сè до добивање на прв негативен ПЦР-тест потврден од страна на овластена медицинска лабораторија на оваа балтичка земја направен седум дена по претходното тестирање, во овој случај на 28. ноември.
Доколку тестовите уште еднаш бидат позитивни, во рок од три дена нашата „четворка“ ќе мора да биде тестирана уште еднаш. И најдоцна во рок од десет дена ќе ја напуштат Естонија.
Согласно здравствените мерки, сè до тој момент заразените мора да бидат во целосна изолација, односно ставени во карантин, кој по инсистирање на водството на нашата Федерација, наместо во една од болниците во Талин, ќе биде реализиран во хотелот „Хилтон Талин парк“, каде што и беше сместена нашата најдобра селекција во изминатиот период.
За нивната здравствена и физичка состојба ќе се грижи едно медицинско лице од нашата делегација, односно физиотерапевтот Ненад Попоски. Едно лице од Федерацијата на Естонија, како и водичот кој од страна на организаторот му беше доделен на нашиот национален тим за време на турнирот во Талин.
Утре, рано изутрина, од 6.45 часот, нашиот тим, кој поради овој случај не одигра ниту еден од двата предвидени натпревари на турнирот, полетува од Талин кон Франкфурт. Капитенот Војдан Стојановски наместо кон Скопје, преку Хелсинки, патува за Париз, додека пак нашиот тренер за физичка подготовка, Ерен Хангун, по пристигнувањето во Франкфурт, продолжува кон Истанбул.
Согласно првично утврдената патна маршута, нашиот национален тим околу 17 часот треба да слета на аеродромот во Софија, од каде што следува уште едно преместување, до Скопје.