Косово се надева дека може да ја „украде“ големата германска фудбалска надеж

Фудбалската репрезентација на Косово, исто како и македонската, го сонува сонот за пласман на Светско првенство 2026. Косово се подготвува за бараж-дуелот против Словачка на 26 март на гостински терен, а доколку успее да победи, ќе биде само на еден чекор од пласман на Мундијалот и ќе го чека подобриот од пресметката меѓу Турција и Романија, и тоа на 31 март во Приштина.

Доволно еуфорија има во Косово за мечот против Словачка, но дополнителен мотив се создаде по најавата дека доколку репрезентацијата успее да се пласира на завршницата на планетарниот собир, ќе добијат екстра засилување во името на Брајан Груда.

Тоа е 21-годишен германски младински репрезентативец, чии родители имаат потекло од Албанија. Груда има дури 19 настапи за Германија У21, но засега не е на радарот на селекторот на Панцерите, Јирген Нагелсман, и сигурно нема да биде дел од Мундијалот како член на селекцијата на четирикратниот светски првак.

Затоа се отвора можност Груда да добие шанса како косовски репрезентативец да заигра на СП 2026, но, секако, прво треба да биде обезбеден пласман на завршницата и потоа да се направи договорот.

„Ако Косово успее да се пласира на СП постои огромна шанса дека Брајан Груда ќе заигра за националниот тим. Веќе постојат контакти со фудбалскиот сојуз на Косово. Груда и неговото семејство не се во најдобри односи со Фудбалската федерација на Албанија, но затоа голема шанса има тој да заигра за Косово“, тврди косовскиот новинар Јибер Келменди.

Фантастичниот млад офанзивен играч за врска кариерата ја започна во тимот на Мајнц, па во 2024 година направи трансфер во Брајтон во Англија, и тоа за 30 милиони евра. Во февруари Груда како позајмен играч пристигна во Лајпциг и тоа се покажа како одличен потег. За помалку од два месеца во новиот тим, големата фудбалска надеж одигра осум меча, во кои постигна три гола, а има и две асистенции.

Останува во следниот период да видиме дали Германија ќе реши да го потврди Груда како свој фудбалер и да дебитира за сениорскиот состав или Косово со евентуален пласман на СП 2026 ќе го „натера“ 21-годишниот фудбалер да прифати фудбалски пасош од нашиот сосед.

- Оглас -

Најнови вести