Кошаркарите на Пелистер славеа во неизвесен меч со 73:72 против Борац Бања Лука во средбата од 11-тото коло во АБА2-лигата, и прв од последниот мини-турнир во регуларниот дел од сезоната.
Херој на битолчани е Александар Костовски, кој тројката за триумф ја постигна на 39 секунди до крајот.
Во последниот напад, Борац можеше да слави, но шутот за тројка на Делалиќ не беше прецизен.
По 11 кола, Пелистер има учинок од пет победи и шест порази и се наоѓа на осмото место на табелата кое води во разигрувањето за пласман во АБА-лигата.
Битолчани беа подобар тим и ги контролираа случувањата на теренот во првото полувреме, кое го добија со 40:36, но слабата трета четвртина, која ја загубија со 11:24, за малку на крајот можеше да ги чини победа.
Успеаја да се вратат во игра во последната четвртина и со тројката на Костовски да слават.
Планиниќ со 21 поен и 15 скока беше најдобар кај Пелистер, додека херојот Костовски постигна 14 поени. Пелистер во следното коло ќе игра против Подгорица.