Кожув против Приштина во првото коло на БИБЛ

Балканската лига објави дека новата сезона во ова регионално кошаркарско натпреварување ќе стартува на 16-ти октомври. Прв натпревар ќе биде овој во Албанија, помеѓу екипите на Теута и Академик Бултекс.

Ова ќе биде 11-та сезона во постоењето на БИБЛ, но најсиромашна по бројот на клубови-учесници. Само шест тима ќе бидат дел од лигата во сезоната 2018/19, а меѓу нив ќе биде и гевгелиски Кожув.

Тимот од јужниот дел на Македонија се стабилизираше финансиски и организациски, па по една година пауза, се врати во БИБЛ и донесе неколку искусни играчи како засилувања.

Фаворити за трофејот во БИБЛ ќе бидат поранешните шампиони Берое и Приштина, но тука се и амбициозните Академик, Башкими и Кожув, како и дебитантот Теута. Гевгеличани во првото коло на 16-ти октомври го пречекуваат тимот на Приштина.

Во регуларната сезона ќе игра секој со секого и по тие 10 кола, четирите најдобри одат во полуфинале. Првата фаза од плејофот (полуфиналето) се игра дома-гости. Финалето се игра во април, во две добиени средби.

- Оглас -

Најнови вести