Кожув со триумф над лидерот ТФТ ја заокружи сезоната во Суперлигата

Кошаркарите на Кожув ја завршија сезоната во Суперлигата со победа, откако во последниот натпревар од плејофот го совладаа лидерот ТФТ Скопје со убедливи 91-79.

Иако дуелот немаше резултатско значење за двете екипи, ТФТ веќе го имаше обезбедено првото место, а Кожув беше без шанси за пласман во полуфинале, натпреварот понуди квалитетна кошарка и високо темпо.

Гевгеличани отворија одлично и одиграа импресивна прва четвртина, веројатно една од најдобрите во плеј-офот, во која постигнаа 31 поен и стекнаа предност од 31-25. Во втората четвртина ТФТ се консолидираше, па на паркетот во салата „26 април“ се водеше израмнета борба која заврши 24-24, за полувреме од 55-49.

Во тој период кај ТФТ блескаа Ташовски со 18 и Стојанов со 15 поени, додека кај Кожув двоцифрени беа Родни Пурвис со 12 и Бојчев со 10 поени.

По паузата, Кожув повторно ја презеде контролата и беше подобар противник во третата четвртина, а во последниот период рутински ја одржа стекнатата предност и заслужено стигна до победа од 91-79.

Кај победничкиот тим најпрецизни беа Бојчев со 16 и Василевски со 15 поени, додека кај ТФТ се истакнаа Ташовски со 24, Стојанов со 19 и Стојановски со 17 поени.

Во полуфиналето ТФТ Скопје ќе се соочи со Маџари, додека МЗТ Скопје ќе игра против Пелистер од Битола.

- Оглас -

Најнови вести