Крај на кариерата која беше исполнета со многу трофеи

Еден од најдобрите крилни напаѓачи во изминативе две децении, Арјен Робен, замина во пензија. Легендарниот холандски голгетер на овој потег се одлучи на 37 години.

„Драги љубители на фудбалот. Одлучив да ја завршам професионалната кариера. Ова беше тешка одлука. Сакам да им се заблагодарам на сите кои од срце ми даваа поддршка“, напиша Робен во дел од писмото во кое го најави крајот на кариерата.

Минатата сезона Робен го носеше дресот на неговиот клуб од детството, Гронинген, но поради тешката повреда, одигра само седум натпревари. Робен имаше одлична кариера, но освен многуте трофеи, тој ќе се памти и по честите повреди кои ги имаше. Да не беа повредите, Робен можеше да блесне уште повеќе.

Робен може да се пофали дека бил првак во четири различни европски првенства. Со ПСВ се радуваше на трофејот во Холандија, а има и еден Супер куп на Холандија. Потоа во дресот на Челзи освои две титули во Премиер лигата, две во Лига купот и по една во ФА купот и Комјунити шилд.

Најголемите успеси Робен ги имаше носејќи го дресот на Баерн Минхен. Дури осумпати беше првак во Бундеслигата, освои пет Купа на Германија, пет во Суперкупот на Германија, како и трофеј во Лигата на шампионите и Суперкупот на УЕФА. Токму Робен беше херојот на Баерн во освојување на титулата во Лигата на шампионите, кога во финалето во 2013 година Холанѓанецот во 89-тата минута го даде победничкиот гол против Борусија Дортмунд (2:1).

На Робен му остана неостварена желбата да биде светски првак со Холандија. Во 2010 година Лалињата загубија во финалето на Мундијалот од Шпанија, а четири години подоцна во Бразил, Холандија стигна до третото место на планетарниот собир.

- Оглас -

Најнови вести