Кралски договор во Мадрид – Десет отсто помала плата ако се доигра Ла Лига или двојно повеќе ако не се игра

Фудбалерите и кошаркарите на Реал Мадрид се договорија со раководството на клубот да прифатат намалување од 10 проценти од годишните плати и останува да се надеваат дека Ла Лига и АЦБ-лигата ќе се доиграат, односно ќе продолжат, откако ќе спласне епидемијата со Коронавирусот.

Во спротивно Кралевите ќе имаат двојно поголем процент со кој ќе им се намали платата за 2020 година. Тоа е договорено во случај да нема услови да продолжат фудбалското и кошаркарското првенство во Шпанија.

И во двата случаи вработените во клубот ќе ја добиваат платата што им е загарантирана, што и беше целта на договорот во двата најтрофејни спортски клубови во Европа. Фудбалскиот погон има 13 пехари во Лигата на шампионите, а кошаркарскиот има 10 титули во Евролигата и се број 1 на Стариот Континент.

Со денешниот договор Реал Мадрид ќе заштеди околу 50 милиони евра, и тоа со само десетпроцентно намалување на платите на играчите, што ќе овозможи вработените во клубот да бидат спокојни за своите плати.

Во Шпанија постои оптимизам дека и Ла Лига и АЦБ-лигата ќе се доиграат, а интересно е што Реал Мадрид и во двете натпреварувања е на второто место зад вечниот ривал Барселона со по два бода помалку.

- Оглас -

Најнови вести