Репрезентацијата на Холандија утревечер ќе ја пречека Шпанија во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на нациите. Актуелните шампиони на Европа и бранители на титулата во ова натпреварување влегуваат како фаворити, но тоа воопшто не го загрижува селекторот на Лалињата, Роналд Куман.
Со богато искуство во шпанскиот фудбал, како играч и како тренер, тој останува верен на препознатливиот холандски стил на игра.
„Точно е дека Шпанија има одлични фудбалери кои вршат силен пресинг“, изјави Куман. „Нико Вилијамс и Ламин Јамал создаваат многу опасности, но и ние сакаме да ја контролираме играта. Не можеме да се повлечеме назад и да се браниме со „паркиран автобус“, ќе играме офанзивно“, изјави холандскиот селектор.
Поранешниот тренер на Барселона посвети посебно внимание на Јамал, кого го следел уште од неговите денови во младинската академија на каталонците.
„Ламин е посебен фудбалер. Тој е еден од оние кои носат разлика и одлучуваат натпревари, а таквите играчи се бесценети за секој тренер. Лионел Меси беше ист таков. Се надевам дека еден ден Јамал ќе биде подеднакво важен за Барселона како што беше Лео. Сите овие млади таленти во клубот можат да донесат многу трофеи“, истакна Куман.
Иако не го дочека официјалното деби на Јамал, токму под негово водство први минути во првиот тим на Барса запишаа Педри, Гави и Алехандро Балде, тројца кои денес се дел од репрезентацијата на Шпанија.
„Среќен сум што овие тројца дебитираа кај мене. Но, заслугата е нивна, тие се докажаа како одлични фудбалери. Овој натпревар ќе биде посебен за мене“, заклучи Куман.