Големата разлика во квалитет помеѓу земјите од КОНКАКАФ зоната (Северна и Средна Америка) кои играат прва фаза од квалификациите за Светското првенство 2022, придонесе доцна синоќа и рано утрово да има резултати кои може на многу обложувачи да им донесат одлична заработка доколку играат на многу голови. Од четирите меча кои завршија после полноќ, на три имаше седум или повеќе погодоци и тоа убедливо победуваа гостинските селекции.
Курасао предводен од селекторот Гус Хидинк, со 8-0 ги надигра Британските Девствени острови. Потоа Канада со 7-0 беше подобра од Аруба, па Панама со 13-0 ја прегази Ангвила, додека Салвадор со 7-0 славеше на дуелот со Американските девствени острови. Исклучок беше средбата на Бахамите со Тринидад и Тобаго, која заврши без голови, 0-0.
За Панама која како самостојна земја игра од 1946 година, победата од 13-0 е најубедлива во историјата, а истото важи и за осумката на Курасао, репрезентација која на клупата има славен тренер.
Ееден ден претходно, имаше и два меча кои завршија со 10-0, а историска беше победата на Гватемала над Сент Винсент и Гренадин, бидејќи првпат во историјата на квалификации за СП, на ист меч голови дадоа 10 различни играчи.