Квеквескири: Корона-вирусот нѐ уништи, ова е како на разиграно дете кога ќе му го земете фудбалот

Ника Квеквескири мина авантура од 24 часа за да пристигне од Казахстан, каде игра за Тобол, до Естонија, но се врати задоволен во Тбилиси и утре ќе биде еден од адутите на домаќините на дуелот против Македонија.

Грузијците исто како и ние стартуваа победнички во Групата 2 во Ц сегментот од новото издание на Лигата на Нациите и се надеваат на триумф и против Македонија, утре од 18 часот на „Динамо“ арената во Тбилиси.

Квеквескири сепак признава дека не се комплетно подготвени по долгата пауза поради корона-вирусот, а имаше интересно објаснување за глобалната пандемија и фудбалот.

„Не уништи корона-вирусот. Паузиравме шест месеци, па сега играме со ненормално темпо по толку долго отсуство од терените. Јас и Канкава дури и патувавме цел ден од Казахстан до Естонија за да играме за националниот тим. За среќа победивме против Естонија, па заборавивме на заморот. Не сме максимално подготвени, најмногу пред се поради глобалната пандемија. Шест месеци се чувствував како дете кога ќе се заиграш и ќе ти го земат фудбалот. Сепак немаме многу избор и одиме на победа и против Македонија“, изјави на прес-конференцијата пред мечот „четворката“ на Грузија.

Ника веројатно повторно ќе биде стартер и ќе го игра 26. меч за Грузија, утре од 18 часот против Македонија во Тбилиси.

- Оглас -

Најнови вести