ЕХФ одлучи: Начевски и Николов добија двегодишна суспензија, плус парична казна

Европската ракометна федерација (ЕХФ) реши да ги казни Ѓорѓи Начевски и Славе Николов со двегодишна суспензија, плус парична казна поради наводна манипулација со фитнес тестовите пред стартот на ЕП. Покрај ова, и двајцата ќе мора да платат и парична казна. Нивната суспензија се однесува на сите натпреварувања што се под капата на ЕХФ.

„Ракометниот суд на ЕХФ донесе одлука во случајот отворен против македонскиот судиски пар Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Пред машкото ЕХФ ЕВРО 2026, ЕХФ ја повлече номинацијата на двајцата судии од Северна Македонија поради наводна манипулација со прикачените видеоснимки од таканаречениот „Тест за кондиција во повеќе фази“.

Врз основа на анализата на партнерот за интегритет на Европската ракометна федерација, Спортрадар, Ракометниот суд на ЕХФ дојде до заклучок дека спорните видеа биле манипулирани и затоа ги изрече следните санкции. Двајцата судии се суспендирани од извршување на каква било функција во рамките на ЕХФ и учество во какви било активности на ЕХФ во период од две години од датумот на првостепената одлука поради сериозно неспортско однесување. Секој судија мора да плати казна од 5000 евра за фундаментални прекршувања на Кодексот на однесување на ЕХФ. Жалба може да се поднесе до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум дена“, се вели во известувањето на ЕХФ.

Начевски и Николов беа суспендирани непосредно пред стартот на Европското првенство кое се играше на почетокот на оваа година.

- Оглас -

Најнови вести