Екипите на Брера и Македонија ЃП одиграа нерешено, 1-1, на последниот меч од 27-мото прволигашко коло. Се чини дека и двете екипи може да бидат незадоволни од исходот бидејќи бодовите им беа потребни и на едните и на другите во борбата за опстанок во прволигашката конкуренција.
Струмичани поведоа преку Михаилов во 22-рата минута од пенал, а конечните 1-1 ги постави Ајдоган во 57-мата минута.
До крајот на првенството остануваат уште шест кола, а драма ќе има не само за титулата, туку и во борбата за опстанок. Шкупи е веќе испаднат, а претпоследна е Македонија ЃП со 24 бода. Еден бод повеќе има Работнички, а Пелистер е деветти со 26 поени.
Брера е на осмото место со 33 поени, а пред нив се Арсими (35) и Башкими (37).

