
Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (20:45 часот) гостува во Копенхаген и ќе ги одмери силите со Данска во полуфинален плејоф-дуел за пласман на Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико. Тоа е дуел „на сѐ или ништо“, победникот оди чекор поблиску до Мундијалот, а поразениот ќе игра меч за утеха.

Данците се фаворити, тоа го потврдуваат и квотите затоа што играат дома, но и затоа што според рејтингот, значително се подобри на ранг-листата на ФИФА. Тие беа носители во својата група и во квалификациите, но на крајот го испуштија првото место со два лоши резултати во последните две кола.
Сега притисокот е кај нив, тие „мора да победат“, а тука Македонија ја гледа својата шанса за изненадување.
Мотивацијата секако е огромна и кај двете селекции затоа што сонот на секој фудбалер е да биде учесник на Светско првенство.
„Тоа што нѐ потценуваат, ќе ни биде дополнителен мотив“, порача селекторот Гоце Седлоски.
Македонија знае како е да се победи во ваков нокаут-натпревар, сѐ уште ни се свежи сеќавањата на Палермо и на триумфот над Италија (0-1) со голот на Александар Трајковски.
Нека биде и вечерва слично затоа што со победа ќе стигнеме само на чекор до Светското првенство.

