Ла Лига им забрани на дел од репрезентативците да играат во квалификациите – Среќа за Македонија што не е на шпанската „црвена листа“ за ковид-19

Македонија не е на „црвената листа“ за ковид-19 на шпанското Министерство за здравство, што е одлична вест и за селекторот Благоја Милевски.

Тоа значи дека Енис Барди и Столе Димитриевски сигурно ќе играат за нашата репрезентација против Ерменија, Исланд и Романија во септемвриските квалификации за настап на Мундијалот во Катар.

Тоа се однесува и за Александар Трајковски ако се најде на списокот на Милевски, што ќе биде објавен денеска попладне.

Раководството на Ла Лига донесе одлука да ги поддржи клубовите што ќе одлучат да не ги пуштат своите играчи да играат за нивните национални селекции во септемврискиот турнус за настап на Светското првенство во Катар.

На листата земји во црвена зона на шпанското Министерство за здравство со алармантен број на заразени од ковид-19 се наоѓаат 26 земји меѓу кои, за среќа, не е Македонија.

Листата е од 23 август и е важечка до полноќ на 29 август, што значи дека Барди, Димитриевски и Трајковски, кои се членови на Леванте, Рајо Валјекано и Мајорка нема да имаат проблеми да допатуваат во Скопје на собирот на нашата репрезентација пред дуелите со Ерменија на 2 септември, со Исланд три дена подоцна во Рејкјавик и со Романија на 8 септември.

Иста одлука има и во Премиер лига, па најавено е дека дури 60-мина играчи што настапуваат за клубовите во најсилната англиска лига нема да настапат за своите селекции, а најпогодени се играчите што играат за националните селекции од Јужна Америка.

 

 

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести