Македонската одбојкарска репрезентација уште еднаш потврди дека е дел од европската елита и повторно обезбеди место на континенталниот собир. Синоќа, во салата „Борис Трајковски“, Македонија успешно ја заврши мисијата, а тоа е убедливо да се победи Грузија. На крајот нашите одбојкари славеа со 3:0 во сетови (25:13, 25:16, 25:17).
Еден од најдобрите и најискусните во македонскиот состав, Александар Љафтов, е задоволен дека продолжи континуитетот да се биде дел од европските собири.
„Четири по ред врзани Европски првенства за оваа генерација е потврда на вредноста. Поминавме многу, многу тежок пат, не само оваа година, туку и во секоја од минатите години. Секогаш се подготвуваме напорно и еве трудот, се исплати. Имавме некои мали проблеми, но тоа успеавме да го премостиме. Ние знаевме дека денеска ќе ја победиме Грузија со 3:0, како и да звучи ова, но притисокот што го носи тоа, особено во третиот сет, кога почнаа да играат исклучително квалитетно, малку од работите не одеа добро. Бевме подготвени и на вакво сценарио, успеавме да се вратиме и да ја израдуваме Македонија. Сега ни треба малку одмор, да се подготвуваме за новата сезона и здравје Боже, следната година ќе се подготвуваме за европското“, рече Љафтов.