Љафтов: Во Струмица треба да ја прикажеме најдобрата одбојка

Последниот турнир од годинешното издание на ЦЕВ Европската Златна лига, машката одбојкарска репрезентација на Македонија ќе го одигра на домашен терен, од 20 до 22 јуни, во Спортската сала „Парк“ во Струмица, каде ќе ги пречека селекциите на Израел и Црна Гора.

По четири одиграни натпревари, Македонија има скор од една победа и три порази. Сепак, и играчите и стручниот штаб истакнуваат дека од натпревар во натпревар тимот напредува и прикажува сѐ подобра игра, па се очекува селекцијата да се претстави во најдобро светло пред домашната публика.

„Лично сметам дека на турнирот во Струмица ќе ја прикажеме најдобрата одбојка досега. Играњето пред домашна публика секогаш носи посебен мотив и инспирација, а зад нас веќе имаме четири официјални и два пријателски натпревари во овој циклус и формата ни расте. Репрезентацијата се подмладува, селекторот дава шанса и на играчи кои досега имаа помала минутажа, а најважно е што целиот процес се одвива успешно. Според анализата на досегашните натпревари, против Словачка можевме да одиграме подобро, додека Финска е еден од фаворитите за пласман на Ф4. Минатиот викенд имавме добар турнир, победивме Латвија во пет сета – тежок и исцрпувачки натпревар – а потоа игравме со Грција, која исто така според мене е сериозен кандидат за финалниот турнир“, изјави еден од лидерите на репрезентацијата, Александар Љафтов.

Овој викенд Македонија ќе се соочи со уште еден фаворит за Ф4 – непоразената селекција на Израел – како и со добро познатиот ривал Црна Гора, која досега нема победа во ова натпреварување.

„Посакувам две победи на последниот турнир во Струмица. Ќе имаме проблеми со Израел – тие досега немаат пораз и се борат за пласман на Ф4. Играњето пред празни трибини ќе биде тежок момент за нас, бидејќи тоа е минус во однос на поддршката од публиката. Што се однесува до Црна Гора – сум оптимист, размислувам позитивно, и би било убаво да се одјавиме од годинешното натпреварување со победа. Најважно е што атмосферата во екипата е одлична и верувам дека тоа ќе го пренесеме и на теренот. Ги повикувам моите струмичани во што поголем број да дојдат в недела во салата ‘Парк’ и да не поддржат“, порача Љафтов.

Според распоредот, Македонија в петок, од 20 часот, ќе игра против Израел. Сепак, поради воено-политичката состојба во Израел и согласно препораките на МВР, натпреварот ќе се игра без публика. По истата причина и дуелот меѓу Израел и Црна Гора в сабота, исто така од 20 часот во салата „Парк“, ќе се одигра зад затворени врати. Единствениот натпревар со публика ќе биде тој в недела, кога Македонија ќе ја пречека Црна Гора – натпреварот ќе започне во 20 часот и вратите на салата ќе бидат широко отворени за навивачите.

Сите натпревари од турнирот во Струмица ќе се пренесуваат во живо на националниот сервис (МРТ3).

- Оглас -

Најнови вести