Барселона и Реал Мадрид вечерва играат во финалето од шпанскиот Супер куп, а атмосферата во пресрет на мечот дополнително ја подгреа претседателот на „каталонците“, Жоан Лапорта, кој ги коментираше односите помеѓу вечните ривали.
„Нашите односи со Реал Мадрид се многу лоши и во моментов се прекинати. Секогаш може да се поправат, но во овој момент тоа е тоа. Тоа не значи дека нема респект, тоа секогаш го има, без оглед какви се односите. Така и ќе се однесуваме. Во фудбалот се може да се поправи, но тоа зависи од двете страни.“ – рече Лапорта во Џеда.
Претседателот на Барселона го коментираше и денешното Ел Класико.
„Имаме голема желба да го освоиме овој трофеј. Заслужено сме во финалето. Сите навивачи на Барселона сакаат да ја започнат годината со трофеј. Кога и да го освоиме, обично тоа е првиот трофеј во низата. Ова е многу важен натпревар. Екипата е максимално фокусирана, а Флик не дозволува никој да ја изгуби концентрацијата. Работевме напорно и убеден сум дека ќе победиме. Во финалињата никогаш нема фаворити, се е можно. Нашиот менталитет е победнички, без оглед на ривалството. Постои голема возбуда, желба да се одигра добро и да се донесе радост на навивачите.“ – вели Лапорта.

