Ракометната репрезентација на Македонија ги брои последните денови пред заминување за Дизелдорф, каде што ќе игра против Франција на стартот од Европското првенство и денеска во последниот „официјален“ натпревар ја совладаа Грција со 33:30.
Селекторот Кирил Лазаров е делумно задоволен од играта на неговите избраници, кои мечот го започнаа во грч, но како што одминуваше времето, тие беа сè подобри.
„Имавме квалитетен противник во Грција. Натпреварот го почнавме во грч бидејќи бевме импресионирани од публиката. Јас секогаш велам дека публиката е нашата најголема поддршка но и ни прави најголем притисок бидејќи немаме право на грешка. Го надминавме грчот и потоа се консолидиравме. Можам да бидам делумно задоволен од прикажната игра на ракометарите, мислам дека можеме за одреден процент да го зголемиме нивото на игра. Бевме хендикепирани денеска, во последен момент го загубивме Жарко Пешевски, кој синоќа доби температура, како и Никола Марковски. Мислам дека утрешниот натпревар ќе ни биде добредојден бидејќи на оваа млада репрезентација ѝ се потребни повеќе натпревари“, вели Лазаров.
Прв предизвик за Македонија на ЕП ќе биде силната Франција, а мечот ќе влезе во историја бидејќи ќе се игра на фудалски стадион.
„Ние во првото коло ќе играме против најдобрата репрезентација во Европа и светот која е и олимписки шампиони. Франција заедно со Данска се моментно најдобрите репрезентации на светот. Ние полека се подготвуваме за тој дуел, ќе се обидеме да го прикажеме најдоброто од нас, но од Франција ќе зависи се. Тие се одлични и колку и да се подготвуваме, тие физички се доминантни, ги познавам сите играчи, со нив играв до пред една година и знам дека ќе имаме тешка работа. Тука е и домаќинот Германија која пред својата публика нема да има право на грешка. Но, може многу да се добие и да се научи и ќе биде големо искуство за нас настапот на ова ЕП. Нашите играчи и денеска имаа притисок и требаше да помине време да се сосемат. Сигурно дека ќе има одреден притисок и ќе има одредено чудење. Ние ја имаме таа чест, ќе влеземе во историјата и ќе се обидеме да се подготвиме да го дадеме најдоброто од нас“, додава Лазаров.