Лазаров: Мечот со Исланд е како финале за нас

Кирил Лазаров, kапитенот на македонската машка ракометна репрезентација, по поразот од Шпанија бараше позитивни работи и кажа дека тимот останал свеж пред клучниот натпревар со Исланд, кој е закажан за утре во 18 часот.

„Мислам дека одигравме квалитетно прво полувреме, се однесувавме без калкулирање, мислам дека заслуживме да водиме со разлика од 3-4 гола. Едноставно, на стартот на второто полувреме се случи тоа што се случи, ќе видиме како ќе биде утре. Утре е финалето за нас. Денеска можевме да бидеме во егал до 59-тата минута и да загубиме, а вака ја зачувавме свежината. Бевме расположени, но се случи падот, Шпанците го искористија тоа. Треба да го заборавиме мечов, зачувавме сили и се фокусираме на утре. На секој меч одевме на победа, не правевме калкулации дека има однапред добиени и загубени мечеви. Исланд покажа квалитет, подмладени се, но Палмарсон им е предводник. Незгодни се, ќе биде тешко, но ќе дадеме сè од себе“, рече Лазаров.

Голманот Никола Митревски потврди дека на утрешниот дуел гледаат како на финале.

„Одигравме одлично прво полувреме и во нападот и во одбраната. Од 20-тата минута почнаа проблемите во нападот. По катастрофалниот почеток на вториот дел, лесно се предадовме. Младите влегоа незаинтересирано, како да е загубен мечот иако имаше уште 25 минути. Почнав одлично, но потоа добив удар во слабината и во второто полувреме не продолжив во ист ритам. Знаевме дека дуелот со Исланд ќе биде клучен и мора да играме паметно, трпеливо. Ретко кој може да игра 60 минути без осцилации, но битно е грешките да не се одразат на резултатот. Исланд е опасен на сите позиции, треба добро да се подготвиме. Мечот против Исланд е како финале за нас“, рече Митревски.

- Оглас -

Најнови вести