Ракометната репрезентација на Македонија изненадувачки загуби на гостувањето кај Литванија со 29-27 во квалификациите за пласман на Европското првенство, селекторот Кирил Лазаров, вели дека нема простор за паника.
„Бевме хендикепирани со повредите на Митев и Џонов. И двајцата изразија желба да играат, но не беа доволно подготвени за ваков тип на натпревар. Очекував тежок натпревар и тоа се случи. Тешко се победува на гостински терен ако не сте доволно добри, денеска сите играат ракомет. Имавме и добри и лоши моменти. Бевме во игра до крај за победа, но поснаодливи на крајот беа Литванците. Нема простор за паника. Целта е Македонија да се пласира на Европското првенство. Мислам дека имаме реални шанси, останатото ќе се обидеме да го поправиме и да го корегираме. Недостасуваа браќата Костески и Јагуриноски, па имаме простор за напредок.“ – рече Кирил Лазаров после поразот од Литванија.
Наша репрезентација следната активност ќе ја има кон крајот на декември, кога започнуваат подготовките за настапот на Светското првенство, а квалификациите за Европското првенство ги продолжуваме во март следната година со двомеч против Словенија.