Лазаров: Поразот од Црна Гора боли, но можеби е подобро што загубивме

Кирил Лазаров со два порази го почна новиот дел од својата ракометна кариера, како селектор на Македонија.

Поради повреда непосредно пред Европското првенство легендата на нашиот ракомет не можеше да ја има и втората улога, како играч во националниот тим, па со останатите проблеми што ги имаше во нашиот табор со повреди и отсутни репрезентативци двата порази од Словенија и Црна Гора не се неочекувани.

„Продолжуваме напред. Поразот од Црна Гора боли, но мораме да мислиме на иднината. Не ни успеа планот да играме на Европското првенство со сите здрави репрезентативци. Не е исто да се игра без Манасков, без мене, без Стоилов на дуелот со Црна Гора, без уште неколку важни ракометари. Се случи тоа што се случи да ги загубиме двата натпревари. Против Словенија одигравме со многу жар, желба, борбеност и тоа можеби малку не залажа за дуелот со Црна Гора.

Прифаќаме критика, но тврдам дека можеме да бидеме добра репрезентација, Можеби јас и повеќе верувам во квалитетот на играчите, отколку тие сами во себе. Малку им фали победнички менатлитет, но тоа може да се корегира“, вели Лазаров.

Сега веројатно Македонија ќе мора да игра два баражи за следното Светско првенство, но селекторот-играч верува дека ќе успееме да ја оствариме целта.

„Не велам дека и јас немам грешки, имам како и ракометарите. Можеби победа против Црна Гора по добрата игра против Словенија ќе ни покажеше погрешна слика.Можеби и ќе беше полошо. Имам комплетно јасна слика за сите играчи и со квалитет, но и карактерно. Ги познавам доволно, но сега во улога на селектор увидов дека сепак треба уште да работиме за да бидеме компактна целина. Проблеми има, но јас сум човек што не се предава. Ми се случувале вакви проблеми во играчката кариера, но сега уште повеќе како селектор. Играме модерен ракомет и верувам дека имаме многу простор за подпбрување. Со Данска ќе мора да имаме пристап како да ни зависи пласман понатаму. Треба со добра игра да ја промениме ситуацијата, да не бидеме депресивни и разочарани. Треба да се искористи моментот да најавиме за мечевите веќе во март да бидеме како што и доликува на репрезентација која има многу почит во светот на ракометот“, додаде Лазаров.

Утре го играме последниот меч во Дебецин против големиот фаворит Данска.

 

- Оглас -

Најнови вести