Лазаров: Се чуствува мал недостаток на физичка кондиција кај играчите, но има уште време за да се подготвиме за ЕП

По неколку одработени дена на подготовките во Стара Пазова, селекторот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров ги сумираше досегашните впечатоци. Остануваат помалку од 20 дена до почетокот на ЕП во Германија, каде што Македонија е во група со Германија, Франција и Швајцарија.

„Работиме четири дена и задоволен сум од тоа што го сработивме досега. Работевме на нашиот напад, на одбрана, полуконтрата, враќањето назад. Секако, работевме и на физичката кондиција, максимално го искористивме времето да сработиме затоа што во репрезентацијата доаѓаат играчи од разни клубови. Треба да се доведат во што побрз период на едно исто ниво. Имам појасна слика, имаме време до почетокот на ЕП, не успеавме да најдеме противници да одиграме пријателски, сепак ќе одиграме меѓу себе. На 29 декември ќе одиграме против Црна Гора, тоа ќе биде добар тест за тоа што го сработивме на овие подготовки. За новогодишните празници нашите момци ќе добијат два дена слободно, заслужен одмор. Потоа одново почнуваме во финишот на подготовките за настапот на ЕУРО 2024“ реферира Лазаров од Стара Пазова.

Македонската селекција од утре треба да биде комплетна затоа што на составот му се приклучува голманот Митревски.

„Делумно можам да бидам задоволен од нашата физичка кондиција. Знаеме дека големиот дел од играчите доаѓаат од домашниот шампионат, се чуствува мал недостаток на физичка кондиција кај играчите ко што немаа европски натпреварувања во оваа полусезона. Сепак, ние сме колективен спорт и имаме доволно време тоа да го одработиме за до почетокот на ЕП да бидеме максимално спремни сите играчи. Можам да бидам задоволен од атмосферата во тимот. Тука имаме идеални услови за подготовка и тренинзи. Имаме време и да се одмориме, правиме и тим билдинг, така што имаме одлични услови. И кога е така, тогаш и атмосферата е на високо ниво. Митревски се приклучува вечерва, тој имаше обврски во својот Порто и му дадов два до три дена слободно да се одмори. Утре се приклучува во тренажниот процес. Од утре сме комплетни и се подготвуваме за предизвикот ЕУРО 2024“, заврши селекторот.

- Оглас -

Најнови вести