Лазаров: Треба да поправиме од сè по нешто за следниот натпревар, но се надевам дека како ќе поминува времето, ќе бидеме сè подобри

Селекторот на ракометната репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, смета дека поразот од шест гола разлика од Португалија е незаслужен. Црвено-жолтите во дуелот на досега двете непоразени репрезентации во квалификациите за ЕП 2024, во СЦ „Борис Трајковски“ загубија од Португалија со 23:29.

„Ни фалеше фокус, а тој фокус и концентрација се добиваат со вакви натпревари. Можеме да бидеме незадоволни затоа што можевме да извлечеме подобар резултат. Знаевме со каков противник имавме работа, се работи за ривал кој имаше квалитетно СП и играше на гол со повеќе репрезентации. Треба да поправиме од сè по нешто за следниот натпревар. Противникот беше и физички посилен од нас, изгубивме доста дуели, бевме дефицитарни на играта со пивот, иако бевме договорени да ги браниме квалитетно. Примивме доста голови од таа позиција, не затоа што не браневме добро, туку затоа што беа поголеми физички и не можевме да се носиме. Нашите играчи беа во грч, немаше некоја полесност, но се надевам дека како поминува времето, ќе бидеме подобри“, вели Лазаров.

И покрај поразот, Македонија има одлична можност да се пласира на ЕП во Германија и за тоа е потребно да победи во директниот дуел со Турција во последното коло што ќе се игра на 30-ти април во Скопје.

„Најважно ни е да се пласираме на првенството, против Турција и Луксембург се фаворити, но не треба да размислуваме за нив, туку да размислуваме за следниот меч со Португалија каде сакаме да одиграме квалитетен меч кој ќе служи за искуство“, изјави Лазаров.

- Оглас -

Најнови вести