Шок за Дончиќ, најдобриот стрелец на НБА-лигата не е меѓу кандидатите за МВП

НБА-лигата ги објави кандидатите кои останаа во најтесниот избор за наградите што им се доделуваат на кошаркарите во најквалитетната лига во светот за постигнувањата во текот на регуларниот дел од сезоната. Најголемо внимание привлече одлуката кои се тројцата играчи меѓу кои ќе се избере освојувачот на најпрестижната индивидуална награда – МВП, односно најкорисен играч во лигата.

Тоа се Шеј Гилџес-Александер, актуелниот освојувач на МВП-наградата, како и шампионската титула во НБА со Оклахома сити тандер. Втор кандидат е Никола Јокиќ од Денвер нагетс, а трет е Виктор Вембањама од Сан Антонио спарс.

Шеј Гилџес-Александер го заврши регуларниот дел од сезоната со просек од 31,1 поен по натпревар, со што е втор најдобар стрелец во лигата. Дополнително има 4,3 скока и 6,6 асистенции по меч, додека процентот на шут му изнесува 55%.

Никола Јокиќ, освојувач на МВП наградата во 2021, 2022 и 2024 година, регуларниот дел го заврши со трипл-дабл просек од 27,7 поени, 12,9 скокови и 10,7 асистенции по натпревар. Тој е најдобар во лигата по скокови и асистенции, а шутираше со успешност од 56,9%.

Виктор Вембањама, дебитант на годината за 2024, бележеше 25 поени, 11,5 скокови и 3,1 асистенција по натпревар, со 51,2% успешност на шутот.

Шокантна е веста за Лука Дончиќ дека не се најде меѓу кандидатите за МВП, иако одигра брилијантна прва целосна регуларна сезона за Лос Анџелес лејкерс. Тој е најдобар стрелец во лигата со 33,5 поени по натпревар, има и 7,7 скокови, додека со 8,3 асистенции е трет најдобар асистент. Дополнително е и меѓу водечките по украдени топки со 1,6 по натпревар. Сепак, сето тоа не беше доволно за да влезе меѓу трите финални кандидати за МВП.

- Оглас -

Најнови вести