Кошаркарската репрезентација на САД следното лето на олимпискиот турнир во Париз би можела да претставува вистински „дрим-тим“ полн со најголемите американски ѕвезди од НБА-лигата.
Легендата Леброн Џејмс, кој следното лето ќе има 39 години и 11 години не играл за репрезентацијата, најави дека сака да игра на ЛОИ во Париз и ги повика и другите суперѕвезди да му се приклучат и да освојат злато. Џејмс во 2004 година освои бронза, а во 2008 и 2012 се закити со злато.
Леброн веќе разговарал со Стеф Кари, Кевин Дурант, Ентони Дејвис, Џејсон Тејтум и Дрејмонд Грин на оваа тема, и наводно сите биле расположени да играат. Позитивни сигнали имало и од други ѕвезди како Девин Букер, Демиен Лилард, Деарон Фокс и Кајри Ирвинг, па ако сите овие заиграат заедно, Американците ќе имаат моќен состав кој ќе биде неприкосновен фаворит за златото во Париз.