Реал Мадрид ја освои јуниорската Лига на шампиони, младите момци на возраст до 19 години покажаа дека имаат квалитет, но Кралскиот клуб како да не им верува доволно на своите таленти и искуството кажува дека ретко кој од нив ќе заигра во првиот тим.

Играчи како Хоан Мартинез, Диего Агуадо, Фортеа, Сестеро, Јањез, веќе дебитираа за првиот тим на Реал, а сега се европски шампиони и ќе чекаат шанса поредовно да играат за првиот тим. Секако во предвид доаѓа и голманот Хави Наваро кој во полуфиналето и финалето на јуниорската ЛШ одбрани пет пенали.
Мадридската Фабрика извезува таленти, имаше 74 „деца на Реал“ во топ 5 првенствата минатата сезона, толку многу нема ни „Ла Масија“ на Барселона.
Не е дека во Мадрид нема таленти, но Барса без проблем ги фрла во оган младите, во првиот тим имаат неколкумина од нивната школа, додека Реал минатата недела против Баерн Минхен немаше Шпанец во почетниот состав, единствен Шпанец кој влезе во игра беше Тијаго Питарч и тоа на терен влезе дури во 90-та минута.

