Легендарниот Кафу: Сега е совршено време Бразил повторно да биде светски првак

Еден од најдобрите десни бекови во историјата на фудбалот е Бразилецот Кафу. Тоа е фудбалер кој имаше блескава кариера која траеше речиси 20 години. Се пензионираше во 2009 година во дресот на Милан. Освен на клупски план, Кафу имаше неверојатна репрезентативна кариера која траеше од 1990 до 2006 година. Одигра вкупно 142 меча, а постигна пет погодоци.

Кафу е единствениот фудбалер во историјата кој може да се пофали дека играл во три финалиња на Светското првенство. Во 1994 година се радуваше на титулата на Мундијалот во Бразил, а четири години подоцна Кариоките во финалето беа поразени од домаќинот Франција. Потоа следуваше планетарниот собир во 2002 година во Јапонија и Јужна Кореја, кога Бразил испиша историја победувајќи на сите седум натпревари и ја освои рекордната петта титула за Бразил.

Од таа 2002 година поминаа 24 години во кои Бразил не успеа да стигне ниту до финалето на СП, а не да се радува на највредниот трофеј. Токму Кафу верува дека оваа 2026 година на Мундијалот во САД, Канада и Мексико е време Бразил да застане на планетарниот трон.

„Мислам дека ова е совршен момент за Бразил. Имаме селектор како Карло Анчелоти, кој е класичен победник. Тој сигурно ќе помогне репрезентацијата да биде уште посилна“, рече Кафу.

Легендарниот дефанзивец очекува Винисиус јуниор да биде еден од лидерите на теренот.

„Светското првенство е најдобро место да се покаже квалитетот и да се заборават сите контроверзии. Во тие осум меча (доколку Бразил стигне до финалето), Винисиус ќе има можност на целиот свет да му покаже колку вреди и што може да направи во фудбалот“, додаде Кафу.

На Мундијалот кој ќе започне за малку повеќе од еден месец, Бразил ќе биде во Група Ц заедно со селекциите на Мароко, Хаити и Шкотска. Првиот меч Бразил ќе го игра против Мароко на 14 јуни. Планетарниот собир ќе биде од 11 јуни до 19 јули.

- Оглас -

Најнови вести